
Со низа активности штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ ќе одбележи 16 години од своето постоење. Ваучери од 10.000 денари ќе бидат доделени на најдобрите дипломирани студенти во изминатава година со просек над 9 од сите факултети, а благодарници и плакети ќе се доделат на институции за соработката во изминатава година. Ректорот, Дејан Мираковски, вели дека тоа ќе бидат пред сѐ болници, кои овозможиле студентите да реализираат практична настава, а биле коректни и за време на ковид-пандемијата. Централната манифестација ќе биде на 27 март, а следниот ден ќе се промовира и новиот центар за тренинг.
„Тоа што беше порано Универзитетски ресторан е целосно реконструирано и сега е пренаменето во еден вид Центар за тренинг. Направени се неколку комбинирани училници, во малку понеформална средина“, вели Мираковски.
Освен за прилагодување на старите објекти, Универзитетот се стреми и кон изградба на нов објект за Медицинскиот факултет. За тоа има локација и целосен проект, но истиот треба да се коригира со оглед на тоа што има промена и во техничките спецификации и во потребните финансиски средства за изградба.
„Тоа треба да биде на просторот меѓу Медицинската школа и Болницата. Тој простор има маркица за градба и таа маркица е наша. Ние сме фокусирани на тоа“, додава Мираковски.
Дополнително, во зоната на Кампус 2 треба да има и Центар за трансфер на технологии, проект што е уште еден приоритет за раководството на УГД.
„Дополнително, имаме уште еден објект тоа е во зоната на Кампус 2 и таму планираме да се изгради Центар за трансфер на технологии. Тој Центар треба да обезбеди услови студентите со директно да имат основни услови за тестирање на одреден прототип и да им обезбедиме услови заедно со фирми да напрват комерцијални производи“, вели Мираковски.
Во однос на сместувачките капацитети, Мираковски вели дека се надлежност на Министерството за образование и наука. Иако просторот кај Старото нервно е дадено на користење на Универзитетот, сепак тие не градат сместувачки капацитети и потребна е соработка со повеќе институции.
Ребека Спасова М-Нет