ВАР системот стана реалност во МФЛ

Во „Куќата на фудбалот“ официјално беше промовиран ВАР системот кој за првпат во историјата на македонскиот фудбал ќе почне да се применува во новата сезона во Прва МФЛ.

Вкупно три ВАР соби, сервер и контролна просторија се веќе направени по стандардите на ФИФА. Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, заедно со Дејан Јакимовски, ВАР проект лидер и Јосип Бартон, претседател на комисија за делегирање на судии ги споделија деталите за имплементацијата на ВАР.

ФФМ заедно со ВАР системот обезбеди и репортажно возило кое ќе може да се користи за ТВ пренос на натпревари.

Првиот човек на македонскиот фудбал, Масар Омерагиќ, изрази задоволство од имплементираната ВАР технологија. Омерагиќ вети дека првото нешто на кое ќе работи ќе биде ВАР системот и за кратко време успеа да го исполни ветувањето.

Сите прволигаши имаат пријавено стадиони со ВАР лиценца и услови, со исклучок на стадионот во Чаир каде игра Шкупи и каде сеуште нема услови за имплементација на системот. Сите судии во ВАР-собите ќе бидат македонски арбитри.