
Фудбалскиот клуб Вардар продолжува со јасна стратегија за стабилизација и долгорочно градење на тимот, откако во краток период обезбеди потписи од тројца значајни фудбалери – двајца столбови во одбраната и едно ново засилување во офанзивата.
Георгије Јанкулов официјално го продолжи договорот со „црвено-црните“ и ќе остане во клубот во наредните 2,5 години. Со тоа, Вардар ја задржува сигурноста во дефанзивната линија и еден од најстандардните играчи во последните сезони.
Истото го направи и Мислав Матиќ, кој важи за најдобар дефанзивец на тимот. Хрватскиот стопер исто така потпиша нов договор на 2,5 години и ќе биде дел од Вардар во следниот период, што претставува еден од клучните потези на раководството во зимскиот преоден рок.
Покрај продолжувањата на договорите, Вардар го промовираше и Иан Пулерио како нов фудбалер на клубот. Аргентинецот потпиша договор на две години и доаѓа како офанзивно засилување, бидејќи настапува на крилните позиции во нападот и треба да донесе дополнителна брзина, продорност и креативност во предниот ред.