
Денешните натпревари од 17. коло во Првата македонска фудбалска лига донесоа убедлива победа на Вардар и поделба на бодовите во дуелот меѓу Силекс и Башкими.
Вардар на импресивен начин ја отвори пролетната полусезона, совладувајќи го Арсими со убедливи 5:1 на стадионот на ФФМ. Избраниците на Гоце Седлоски уште во првото полувреме ги решија сите дилеми околу победникот, постигнувајќи четири погодоци.
Стефан Цветковиќ го отвори резултатот уште во 6. минута по асистенција на Закариќ, а во 18. минута Бобан Николов ја зголеми предноста по одличното проигрување на Омерагиќ. По половина час игра, Дарко Велковски беше највисок по корнер и со удар со глава зголеми на 3:0, додека Немања Босанчиќ пред самиот крај на првиот дел ги постави конечните 4:0 на паузата.
Во второто полувреме Вардар рутински ја контролираше играта, а Азер Омерагиќ погоди за 5:0. Арсими до почесен гол стигна од пенал, кој го реализираше Цуцули, а гостите натпреварот го завршија со играч помалку по исклучувањето на Дардишта. Со овој триумф, „црвено-црните“ ја зголемија предноста на врвот на табелата.
Во Кратово, пак, Силекс и Башкими одиграа натпревар без голови, во кој двете екипи имаа свои периоди на иницијатива, но недостасуваше завршницата. Гостите неколкупати се заканија, особено преку Арменд Алими, додека Силекс се обидуваше преку Додев и Алиќ. Во финишот најблиску до гол беше капитенот Ефтимов, чиј удар од далечина заврши покрај дирекот.
Во следното коло Силекс го очекува гостување кај Струга Трим Лум, додека Башкими на домашен терен ќе го пречека Пелистер, во натпревари кои можат значително да влијаат врз распоредот на табелата.