Вардар подобар од Бутел на пријателската во Пехчево, Куманово се засили со кадетскиот репрезентативец Мартин Иванов

ФОТО: РК Вардар

Двократниот европски шампион Вардар одигра пријателски натпревар во Пехчево против Бутел, а кој го доби со убедливи 33:21.

Во одлични услови во Пехчево екипата на Вардар беше убедлива, а новиот тренер Иван Чупиќ имаше можност да ја провери формата на сите играчи, како и на новите засилувања, а на натпреварот не настапија Борозан, Еспиња и Пинто поради ситни повреди.

Овој натпревар беше проверка и за екипата на Бутел Скопје, пред стартот на новата сезона која треба да започен на 6 односно 7 септември.

Екипата на Вардар ќе земе учество на турнирот во Охрид, каде го очекуваат квалитетни натпревари, а потоа следува Супер Купот во кој Вардар ќе се соочи со Еурофарм Пелистер на 3 септември, а во првото коло на Суперлигата ќе игра со Струга, додека пак Бутел на домашен терен го чека шампионот Еурофарм Пелистер.

Суперлигашот Куманово за новата сезона се засилисо кадетскиот репрезентативец Мартин Иванов. Се работи за млад ракометар кој е роден 2006 година, а кој игра на позицијата десно крило. Во екипата на Куманово доаѓа од екипата на Борец ФЛ од Велес, која минатата сезона беше исфрлена од натпреварување во Суперлигата.

Новото засилување на Куманово по неговата промоција истакна дека за него како млад ракометар ова е ново поглавје во неговата кариера, додава дека укажаната шанса ќе ја искористи максимално со цел да му помогне на тимот да избори влез во првите шест односно да игра во плеј-офот.

Новата сезона екипата на Куманово ја отвара против Радовиш на домашен терен под водство на новиот тренер Аце Станковски, а целта на Куманово е влез во плеј-офот на Суперлига.

Александар Ванев, М-Нет