Вардар Неготино го закажа стартот за подготовките, тимот ќе има мини реконструкција

Вардар Неготино ги закажа подготовките за пролетната полусезона од Третата македонска фудбалска лига – Југ.

Првата прозивка ќе биде на 20. јануари, кога ќе биде означен и стартот на подготовките, а како што дознава телевизија М Нет, есенскиот шампион од Неготино ќе има мини реконструкција во тимот.

Вардар планира да ја прекине соработката со неколку фудбалери, а веќе се водат преговори со пет играчи, и тоа на позиција голман, десен бек, двајца везни играчи и еден штопер.

Вардар има стабилен буџет, иако како што дознава М Нет, клубот имаше мали потешкотии со враќањето на стари долгови, сепак, раководството на клубот успеа да го намали за 80 проценти за точно една година, а со тоа клубот да биде чист кон сите играчи.

На прашање на М Нет за буџетот на Вардар доколку обезбеди пласман во Втора лига, од раководстовото на неготинскиот третолигаш велат дека буџетот ќе го зголемат шесткратно, со цел Вардар да биде стабилен второлигаш и во иднина. Што се однесува до баражот, подготовките започнуваат уште од сега со ангажирањето на квалитетни и проверени играчи со искуство, со цел да не се повтори ланскиот неуспех, кога Вардар загуби во пенал рулетот од Караорман, по регуларните 0:0.

Од раководството на клубот за М Нет велат дека се убедени дека оваа година конечно ќе се оствари целта, а тоа е Вардар да се врати во второлигашкото друштво.

Есенскиот шампион Вардар има повеќе од успешна полусезона, откако на 11 одиграни натпревари забележа 11 победи и со максимални 33 бодови е на врвот од табелата.

Во пролетниот дел Питу Гули од Крушево и Големо Коњари ќе бидат најсериозни конкуренти за Вардар во трката за баражот кој води во Втора лига, иако неготинци имаат пет бода предност.

Колку за потсетување Вардар минатата сезона играше бараж за Втора лига, но пенал рулетот беше кобен за третолигашот од Неготино, со што Караорман обезбеди место во Втората македонска фудбалска лига.