
Фудбалерите на Вардар стигнаа до убедлива победа од 4:1 против Силекс во натпреварот одигран попладнево на Националната арена „Тоше Проески“ во Скопје.
„Црвено-црните“ одлично го отворија натпреварот и уште во 3. минута дојдоа до предност преку Данев, кој погоди за 1:0.
Силекс, сепак, не се предаде и во 37. минута преку Ангелески успеа да израмни на 1:1. Со овој резултат се замина и на пауза.
Вардар во второто полувреме покажа далеку подобра реализација и за само 25 минути постигна три гола.
Во 63. минута Маневски погоди за ново водство на Вардар од 2:1, а шест минути подоцна Мугуел Пирес ја затресе мрежата на Силекс за 3:1.
Конечниот резултат 4:1 го постави Спахиу во 88. минута, со што Вардар стави точка на убедливото издание.
Иако Силекс имаше поголем посед на топката – 55 отсто, Вардар беше поефикасен. Домашниот тим упати седум удари, од кои пет во рамките на голот, додека Силекс имаше 15 удари, но само шест во рамките на голот.