Вардарски го декласираше Карбинци и стана шампион, Слога со петарда против Малеш за второ место!

Вардарски стана шампион во Третата македонска фудбалска лига – Исток, откако во ексклузивен пренос на телевизија М Нет имавте можност да го проследите натпреварите меѓу Карбинци и Вардарски од последното 18. коло.

Повеќе од убедлива и доминантна игра на новиот шампион во Трета лига – Исток, кој со високи 1:4 го декласираше Карбинци и го надигра во секој поглед.

Капитенот Славе Танов во 19. минута од белата точка го отвори Карбинци за водство од 0:1 за Вардарски. Не требаше многу за да одново капитулира домашниот голман откако Димитар Јанев веќе во 24. минута погоди за 0:2. Во финишот на првиот дел Мирче Попов постигна гол за 0:3 на полувреме.

Во вториот дел Карбинци во 65. минута намали на 1:3 откако Филип Сарафимов од белата точка погоди, а пак во финишот на мечот резервистот од клубот Валентин Михајловски постигна гол за конечни и убедливи 1:4.

Малеш на домашен терен беше убедливо декласиран од Слога Виница со 0:5, но оваа победа за Слога во Берово значи и само потврда на второто место, бидејќи Вардарски го декласираше Карбинци.

Асан Рифадов и Игор Ѓорѓиев беа двојни стрелци, а Октај Амедов стави печат на оваа убедлива победа од 0:5.

Тиверија и Ударник ги поделија бодовите играјќи 2:2 во Струмица. Златко Минев во 12. минута погоди за 0:1, резултат со кој се замина на полувреме. Во вториот дел Тиверија направи комплетен пресврт откако Александар Коцевски во 59. минута погоди за 1:1, а Трајче Димитриев во 62. минута веќе направи комплетен пресврт на 2:1. Во финишот на мечот Љупчо Гошев ги постави конечните 2:2.

Колото беше отворено изминатиот викенд со убедливата победа на Рудар од 6:1 над Овче Поле, за што телевизија М Нет извести.

Вардарски со 37 бодови на своето конто стана шампион во Трета лига – Исток, Слога Виница со 35 бодови заврши на второто место, а пак Тиверија со 26 бодови заврши како трета.

На четвртото место заврши Дојранско Езеро со 25 бодови, Овче Поле заврши како петти со 24 бодови, Ударник на шестото место со 16 бодови, колку што има и Рудар кој е седми, а пак Малеш со 11 бодови заврши на претпоследното осмо место.

На последното место заврши Карбинци како единствен клуб со едноцифрен број на освоени бодови односно само девет освоени бодови.

Александар Ванев, М-Нет