
Над 38 илјади граѓани дале потпис за подносителите на кандиатура за претседател на државата, согласно последните податоци на ДИК. Заклучно со вчера, до 20 часот вкупно 38.396 граѓани се потпишале. Според објавените податоци на ДИК, досега потребните 10 илјади потписи од граѓаните ги собрал Бујар Османи, кандидат на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за кого се потпишале 10.528 граѓани.
Кандидатката поддржана од партијата Левица, Билјана Ванковска има собрано 6.237 потписи и кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски има 4.718 потписи.
Сите останати на листата од 11 кандидати за шеф на државата имаат по помалку потписи – кандидатката Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачки демократски сојуз има 696, кандидатот Вело Марковски 682 потписи, Ѓорѓи Манасков – 186, Зорица Цветковска – 99, Господин Попоски има 19 потписи. Според податоците од ДИК, во овие четири дена, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.
Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.
Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори.
Лаура Стојанова М-Нет