Бројот на дневно вакцинирани сè помал, во Штип и Кочани интерес има само за трета доза

Мерките се олабавуваат, опаѓаат и бројките на новозаразени. Министерството со апел за вакцинација како единствен излез од пандемијата, но пораст на бројката на вакцинирани со прва доза нема. Во Штип и Кочани бројката веќе неколку месеца стагнира, а заинтересирани има претежно за трета доза.

„Во континуитет околу два месеца наназад дневно имаме бројка од околу 30 луѓе. Тоа се претежно луѓе што се хронично болни или постари лица, кои претежно доаѓаат за трета доза или за помладите или за помладите главна мотивација е патување“, вели Дијана Коцева – Миланова, координатор за вакцинација во Штип.

Во Кочани, пак, на две раце може да се избројат оние кои доаѓаат за прва доза, а трета вакцина дневно се аплицира кај 40 до 45 луѓе. За трета доза дозволена е исклучиво вакцината на „Фајзер“, а за прва доза може да се избира помеѓу „Синовак“ и „Фајзер“.

Министерството и Комисијата за заразни болести со кампањи го мотивираа населението да се вакцинира, прво „За моментите на среќа – Вакцинирај се!“, сега веќе со испраќање СМС пораки. Сѐ уште актуелната кампања предвидува повикување во точно определен термин и пункт, закажани преку МојТермин, на лицата од ризичната група над 65 години, како и помлади лица со коморбидитети, кои сѐ уште не се имунизирале.

На сајтот kovid19vakcinacija.mk стои бројот 869.763 вакцинирани граѓани, но дневни статистики за тоа колку граѓани се имунизираат со прва, втора и трета доза веќе нема.

Ребека Спасова М-Нет