Брера со засилување од Нигерија: Ибрахим Олаосебикан пристигна во Струмица

Струмичкиот прволигаш Брера за пролетната полусезона се засили со 23-годишниот нигериски интернационалец Ибрахим Олаосебикан. Станува збор за централен играч за врска кој минатата година настапуваше за литванскиот тим на Судова за кој одигра 34 натпревари во Литванската А лига и тамошниот национален Куп, при што постигна 2 гола а имаше и 3 асистенции.

Олаосебикан својата кариера ја почнува во нигерискиот Реал Сафире, а во Литванија преминува во 2021 година каде освен во Судова има настапувано и во Хегелман. Ибрахим има одлични физички предиспозиции, брзина и одличен преглед на играта.

„Воодушевен сум што сум овде во Струмица. Ви благодарам за топлиот прием за моето доаѓање. Тука сум да го поддржам тимот за да заедно ги постигнеме целите. Верувам дека моите извонредни вештини ќе бидат одлично дополнување на тимот“ вели Ибрахим Олаосебикан.

Брера Струмица пролетната полусезона од ПМФЛ ја отвара против Силекс во Кратово.

Александар Ванев, М-Нет