
Денес се комплетираше 3. коло од ПМФЛ, откако беше одигран мечот меѓу шампионот Струга Трим Лум и Брера, кој заврши со триумф од 1:2 за струмичани.
Брера која има италијански стручен штаб има максимален учинок на стартот од новата сезона, откако по победите над Вардар и Воска на домашен терен денес победи и над Струга на првиот меч на гостински терен во новата сезона.
Ване Крстевски во 26. минута постигна гол и го отвори резултатот за водство на Брера, која на полувреме имаше предност од 0:1.
Во вториот дел најдобриот стрелец во мак-фудбалот, Бесарт Ибраими постигна израмнувачки погодок за 1:1.
Во 71. минута Врдољак го врати водството за Брера на 1:2, а воедно тоа беше и конечниот резултат на денешната средба одиграна покрај Охридското Езеро.
Во следното коло Брера Струмица игра против кавадаречки Тиквеш, додека Струга ќе се соочи со повратникот Вардар.