Брегалница ја продолжи соработката со Давид Калпачки и Благој Хаџи-Кимов

Прволигашот Брегалница продолжува со креирањето на костурот на тимот за следната сезона, раководството на клубот ја продолжи соработката со Давид Калпачки и Благој Хаџи-Кимов, кои остануваат во дресот на „сините“ и во новата сезона.

26-годишниот Калпачки пред две сезони беше најдобар стрелец на Брегалница, а минатата сезона одново беше меѓу најдобрите стрелци во тимот на Брегалница и значително помогна во остварувањето на целите – влез во Прва лига.

Калпачки кои зад себе има 110 настапи во Прва лига, настапуваше покрај за Брегалница и за Скопје, Беласица и Хоризонт Турново, а меѓународна кариера градеше во Крка во Словенија.

Благој Хаџи-Кимов е горд на Брегалница, потекнува од школата на „сините“ има 21 година и со тоа се потврдува дека клубот мисли и на млади и им дава шанса на своите играчи.

Младиот Хаџи-Кимов кој покажа извонредни партии на фудбалските терени, ќе го носи дресот на Брегалница и следната сезона.

Претходно, Брегалница ја продолжи соработката со капитенот Стефан Коцев, Ристе Темелков и Бојан Рајков, а беше промовиран Мартин Стојанов како прво летно засилување.

Брегалница активно работи на формирање на ростерот за новата сезона која започнува на 25 јули, а Брегалница сезоната ја отвара со гостување кај шампионот Вардар.

Александар Ванев, М-Нет