Брегалница после поразот во Неготино е се подалеку од Прва лига, Македонија ЃП, Башкими и Арсими во битка за место во елитата, неизвесно за опстанок!

24-тото коло во Втората фудбалска лига го донесе четвртиот сезонски пораз за Брегалница, откако „сините“ забележаа минимален, но сепак голем пораз од Вардар Неготино од 1:0, па сега штипјани се пред тешка мисија за директен влез во Прва лига, но ќе имаат потешкотии и да го обезбедат и баражот за Прва лига, натпревар кој можевте да го следите на М Нет телевизија и на YouTube каналот на ФФМ.

Ѓорѓи Шишков беше херојот на Вардар Неготино, а победата на „Цвај арената“ се славеше како огромен успех за тимот на Горан Тодорчев, бидејќи со овој триумф Вардар Неготино влезе во победничка серија и со тоа веќе е пред официјална потврда на опстанокот.

Брегалница на шест кола до крајот ќе има многу тешка задача ако сака да избори влез во Прва лига, а пред штипјани е тежок распоред бидејќи играат со сите конкуренти за местата кои водат кон елитата.

Детонит Плачковица дојде до победа на домашен терен од 2:0 против Борец, со што сега радовишани се пробиваат на петото место на табелата со 36 бодови, додека пак на три натпревари немаше погодоци и победници.

На спортскиот канал М Нет Спорт можевте да го следите натпреварот од Кочани каде Осогово одигра 0:0 со Беласица и со тоа дојде само до бод во тешката мисија за опстанок во Втора лига.

„Нула“ одиграа и екипите на Новаци и Победа, како и Кожуф и Македонија ЃП во Гевгелија.

Вардарски направи изненадување откако со 3:0 го доби Охрид, а пак Башкими со 0:5 ја декласираше каменица Саса. Арсими забележа сигурна победа од 0:2 над Скопје во Автокоманда.

Во однос на табелата Македонија ЃП со 53 бодови е прва, а толку има и Башкими кој е втор. Арсими е на третото место или во бараж зоната со 51 бод, додека пак Брегалница е четврта со 48 бодови.

Детонит Плачковица со 36 бодови е на петото место, Охрид е место подолу со бод помалку, а пак Скопје е осми со 34 бодови. Кожуф и и Саса го делат деветото место со по 32 бодови.

Вардар Неготино се одлепи на 11-тото место со 27 бодови, Новаци е на 12-тото место со 25 бодови, а пак Победа е на 13-тото место со 24 бодови.

Во бараж зоната за опстанок е Осогово со 18 бодови, Борец е во зоната за директно испаѓање со 13 бодови, а пак Вардарски е на дното со 11 бодови.

Александар Ванев, М-Нет