
Деветото коло на Втората македонска фудбалска лига донесе неколку интересни и неочекувани резултати, неколку клубови ја продолжуваат резултатската криза, но и екипи кои се во одлична форма, само четири екипи остануваат без пораз од последните пет натпревари.
Брегалница и Шкендија Арачиново ја продолжуваат победничката серија и остануваат единствените екипи без пораз во второлигашкиот шампионат.
Штипјани со 0:2 го добија натпреварот против Големо Коњари, а пак Шкендија Арачиниво славеше со минимални 1:0 над Осогово, па така двете екипи го делат врвот со по 23 бодови.
Беласица навлегува во резултатска криза со три порази во низа, ниту тренерската промена не донесе позитивен исход, па така новиот тренер Панче Стојанов дебитираше со пораз, откако Беласица загуби на домашен терен од Победа со 1:2.
Овој пораз е трет во низа за Беласица, од кои два во низа на домашен терен.
Детонит Плачковица бележи одлични резултати и се качува на табелата, а овој викенд радовишани го добија Вардар Неготино со 3:1 на свој терен, додека пак Охрид со убедливи 6:1 ја декласираше Саса која буквално „потона“ во Охридското Езеро.
Преспа преку пресврт дојде до многу важна победа откако на домашен терен со 3:1 го доби Тетекс, па така тимот од Ресен ја продолжува својата борба за опстанок, а победата добива на тежина бидејќи е против екипа која е конкурент на Преспа за опстанок.
Слога Виница ја продолжува резултатската криза, Емил Грнев не е повеќе тренер, тој си замина од клубот уште пред почетокот на деветото коло, а сега тимот од Виница ќе треба да размислува кој би можел да биде негов наследник. Во меѓувреме Слога Виница запиша уште еден пораз, овој пат од Кожуф на домашен терен со 0:2, па така резултатската криза се продлабочува, а Слога е на дното и ќе има „пеколна“ борба за опстанок.
Екипата на Скопје стигна до минимална победа од 1:0 над Новаци и така продолжуваат „пиратите“ да напредуваат на табелата.
Брегалница и Шкендија Арачиново се на врвот од табелата со по 23 бодови, Охрид сега прогресираше до третото место со 18 бодови, а со по 17 бодови Скопје и Детонит Плачковица го делат четвртото место.
Со по 16 бодови на делба на шестото место се Кожуф и Беласица, а пак по 13 бодови имаат Осогово и Новаци кои го делат осмото место. По десет бодови имаат Каменица Саса и Победа кои го делат десеттото место односно се во бараж зоната. Вардар Неготино се спушти во зоната за директон испаѓање како 12-ти со девет бодови.
Тетекс сега е на 13-тото место со седум бодови, а пак Преспа е на 14-тото место со шест бодови, на дното остануваат Слога Виница и Големо Коњари со по три бодови.
Александар Ванев, М-Нет