Брегалница го игра дербито на Истокот против Силекс, голманот Шчекиќ посакува цел „плен“

Брегалница денес во рамки на 11. коло на Градскиот стадион во Штип ја очекува дерби-пресметката на Истокот против кратовски Силекс.

По добриот натпревар во претходното коло против Шкендија во Тетово каде штипските „сини“ обезбедија голем бод во ремито без погодоци (0:0), денес избраниците на Илчо Ѓорѓиоски посакуваат да продолжат во ист стил и против кратовскиот прволигаш.

Трите бодови се императив и за двете страни кои посакуваат обезбедување на место кое обезбедува „виза“ за Европа. Силекс во претходното коло на домашен терен доживеа катастрофа, откако загуби со високи 0:3 од прилепска Победа и со тоа се спушти на петото место на табелата со 15 освоени бодови, или три повеќе од Брегалница која е на шестата позиција.

Голманот Немања Шчекиќ е еден од најдобрите поединци на Брегалница низ досегашните десет рунди од шампионатот, за што потврда се само седумте примени голови. Беше извонреден на дуелот со Шкендија, а сега верува дека тимот може повторно да одигра на високо ниво и да дојде до посакуваните три бода.

„Одигравме навистина квалитетен натпревар против една од најдобрите екипи во лигата Шкендија, и тоа сигурно носи дополнителен мотив кај секој од нас за следните натпревари. Не очекува уште еден тежок натпревар, сега против Силекс. Но, веруваме во себе, мислам дека навлегуваме во посакуваниот ритам и со поддршка од навивачите сигурно сакаме цел плен од денешниот дуел“ – вели Шчекиќ.

Натпреварот се игра денес на Градскиот стадион во Штип со почеток од 14 часот, а главен судија на мечот ќе биде Игор Иванов од Велес.