Бојана е првото родено бебе во кочанската Општа болница, трета рожба во семејството Постолови

Женско е првото родено бебе во кочанската Општа болница. Малата Бојана се роди вчера во 18:45 часот на Одделението за гиникологија и акушерство при Општата болница Кочани. Бојана е трета рожба и прво женско дете во семејството Постолови од село Пекљани, виничко. Родена е 3300 грама и 50 сантиметри. Директорката на болницата истакна дека оваа година очекуваат поголем број родени бебиња во кочанската болница.

„На 3 Јануари ни се роди Бојана, првото женско бебе во Кочани, пораѓајот беше во нормален тек и женското здраво бебе во 2024 година сум сигурна ќе ни даде многу позитивна енергија и многу повеќе бебиња да бидат родени во овој период.“ – вели Георгиева-Трпевски.

Породувањето било нормално, а денеска и мајката и бебето се во добра здравствена состојба. Единствениот гиниколог во кочанската болница посочи дека иако е преносено бебето, породувањето било спонтано и без проблеми.

„Малата Бојана е родена во 18:45 часот, преносена бременост, породена спонтано, нормален пораѓај, помина со уреден тек.“ – додава Атанасовски.

Првото родено бебе во Кочани го посети и градоначалникот Љупчо Папазов. Традиционално од општината бебето доби подароци, а Папазов потенцира дека тенденција е да се зголеми бројот на родени бебиња како во Кочани така и во државата.

„Нека биде ова првиот знак за поместување демографски тренд и во нашиот град и во државата и да очекуваме дека ќе имаме повеќе принови во нашата општина. На персоналот во болницата им се заблагодарувам за грижата за бебето и родилката.“ – вели Папазов.

Во кочанската општа болница измината година се родиле 35 бебиња.

Лаура Стојанова М-Нет