
Продолжуваме да вложуваме во локалната патна инфраструктура, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Низа инвестиции во инфраструктурата се клучни за локален економски развој и урбано живеење на граѓаните, потенцира Бочварски, а како поранешен градоначалник тврди дека Општините не би можеле да вложуваат во вакви проекти без поддршка од централната власт.
„Во овој период посетив голем број на општини, остварив средба со голем број на градоначалници, граѓани во општините, со општинските администрации и секаде ги имавме истите заклучоци, а тоа е реализација на крупни проекти во општините за подобрување на локалната патна инфраструктура. Нема да застанеме овде. Јас како поранешен градоначалник ви тврдам дека ова се проекти кои по својот обем и капацитет Општините многу тешко ќе ги реализираат без поддршка од централната Влада“, истакна Бочварски.
Како што додава Бочварски, резултатите се видливи во општините во кои проектот е веќе реализиран, со што граѓаните имаат нови, реконструирани и безбедни улици. Останатите општини ги охрабрува да ги подготват своите проекти и да аплицираат на некои од повиците на Министерството. До крајот на годината ќе се објават уште неколку јавни повици со кои ќе бидат опфатени 160 километри локална патна мрежа во општините.
Досега се инвестирани 23 милиони евра за 93 локални улици во 44 општини и град Скопје, а вкупниот проект е со вредност од 70 милиони евра, распределени на 80 општини и град Скопје. Се очекува да се рехабилитираат вкупно 450 километри локални улици преку Проектот за поврзување со локални патишта во општините, реализиран преку Министерството за транспорт и врски, а со поддршка на Светска Банка.
Ребека Спасова М-Нет