
Алармантна е состојбата на Градската депонија во Кочани, оцени Кризниот штаб за заштита и спасување при Општина Кочани, кој денеска одржа итна седница. Дека ситуацијата е алармантна, оценува и градоначалникот на Општина Кочани, кој воедно е командант на Кризниот штаб, посочувајќи дека е ангажиран максимален капацитет на човечки ресурси и механизација за да се запре пожарот.
Истовремено, на седницата беа донесени и следните заклучоци:
Сите институции на подрачјето на Општина Кочани кои имаат надлежности во делот на превенција и заштита од пожари, координирано и заеднички со сите ресурси што им стојат на располагање, да се вклучат со конкретни активности за превенција и заштита од пожари на подрачјето на Општина Кочани;
Задолжително да се активираат заеднички патроли на критичните места на патните правци кон населените места во ридско-планинскиот регион на Општина Кочани, со цел превентивно да дејствуваат кон сите граѓани што се движат кон овие населени места, при што ќе се делат летоци како укажување на обврските што ги имаат во делот на превенција и заштита од пожари;
Да се бараат начини и финансиски средства за обезбедување специјализиран дрон со термални камери, со кои редовно ќе се врши контрола на терените подложни на избивање пожари;
Во врска со настанатиот пожар на Градската депонија во Општина Кочани, под итно да се преземат сите неопходни мерки за ставање под контрола и гасење;
Да се апелира до граѓаните да престанат со палење на стрништата и со други дејствија што предизвикуваат пожари, бидејќи тоа е казниво со закон;
Редовно да се одржува комуникација со месното население, посебно со претседателите на месните заедници, кои можат најбрзо и навремено да известуваат за потенцијалните опасности и појавата на пожари од самото место каде што ќе се појават пожарите.
Иван Митев, М-Нет