Активисти од Црвен Крст Кочани бесплатно мереа шеќер во крвта кај граѓани на градскиот пазар

Црвен Крст Кочани со активности во рамки на неделата на борба против шеќерната болест или попозната како дијабетес. Имено, на денешниот пазарен ден, во градскиот пазар активисти од организацијата реализираа превентивно мерење на шеќер во крвта кај граѓаните. Можност да ја направат оваа проверка имаа сите граѓани кои беа заинтересирани и истото беше бесплатно.

„Активноста беше отворена за сите граѓани кои имаа желба да направат брза проценка на своето здравје и да добијат соодветни совети од страна на медицински лица. Целта на активноста е подигнување на свеста кај населението за тоа што претставува шеќерната болест и нејзина превенција преку воспоставување на здрави животни навики. Активноста започна во 10:00 часот и траеше до 11:30 часот. За време на активноста се направија 45 медицински прегледи кај 45 граѓани. ОО на Црвен Крст Кочани во иднина, секако, ќе продолжи да организира ваков вид активности“, истакна раководителката на Црвен Крст Кочани, Анета Коцева.

Од организацијата подготвуваат и активности во рамки на неделата на гладта која трае од 16 до 22 октомври и реализација на истите најавуваат во текот на наредната недела.

„Имаме активности, а ќе започнеме и со активности кои се во подготовка и ќе почнат да се реализираат во најскора иднина, така што за овие активности дополнително ќе бидете информирани“, додава Коцева.

Црвен Крст Штип, пак, веќе реализираше активности по тој повод, но со истите започна два дена подоцна, 18 октомври, кога волонтери поставија штанд за собирање прехранбени и други продукти. Целта на активноста беше истите подоцна да бидат донирани на социјално – ранливите семејства.

По техничките подготовки – набавка на апарати и ленти за шеќер, дистрибуција на постери, брошури и флаери, информирање по медиуми, следуваа мерењата на шеќер во крвта во повеќето институции низ државата. Во меѓувреме, се реализираат и предавања на истата тема, а стремежот е да се опфатат што повеќе граѓани.

Ребека Спасова МНет