Џинес даде 13 гола, но штипски Текстилец одново загуби, Вардар Неготино го доби дербито со Македонија ЃП

Ракометарите на Текстилец УГД Штип запишаа нов пораз откако беа поразени од екипата на Партизан од Гевгелија со резултат од 39:40, во меч каде ниту 13-те гола на Филип Џинес не помогнаа за двата бода да останат во Штип.

Катастрофално прво полувреме на штипски ракометари кои на полувреме имаа негатива од 14:22, но во вториот дел се разбудија штипјани за да понудат луд меч особено во финишот. При 31:36 за гостинот од Гевгелија, штипските ракометари стигнаа од 38:38, а на крајот гостинот славеше со конечни 39:40. Кај гостинскиот тим исто така 13 гола постигна Горан Лисичков.

Скопје со 26:24 го доби дуелот со Младост од Богданци во меч каде победата ја посакуваа и двете екипи, но ланскиот суперлигаш беше подобар за нов триумф.

Металург РА со 30:26 славеше над Овче Поле за четврта победа и со тоа второ место на табелата, додека пак Астраион беше декласиран на свој терен од ланскиот суперлигаш Еурофарм Пелистер 2 со 22:39.

Преспа Вардар впиша нов пораз и никако да стигне до триумф, откако беше поразена од Шампион со 28:38 за петти пораз на ресенчани, а пак четврта победа за скопскиот тим.

Јехона со 36:29 убедливо го доби Аеродром на домашен терен, а пак Вардар Неготино со 37:35 славеше над Македонија ЃП во меч каде за ланскиот суперлигаш Петров беше најдобар стрелец со 12 гола, а за гостинот Божиновски со осум погодоци.

Александар Ванев, М-Нет