
Дел од повредените од пожарот во дискотеката Пулс во Кочани покажале интерес повторно да престојуваат на одморалиштетот на Пониква. Ќе се разгледува можноста повторно да се отвори ова одморалиште кое претходно се користеше како центар за рехабилитација за повредените од Пулс. Но, бидејќи голем дел од нив се вратија на работа, училиште или факултет, престојот би можел да се организира само во летниот период. Освен социолошкиот момент, Пониква има клучна улога и во подобрување на белодробната функција кај повредените.
„Веќе имат некакви обврски. Кога повторно би се организирало, тоа би го реализирале како еден тип на летен распуст. Тоа е планина и добро делува на нивните бели дробови , како и во однос на социоолошкиот и психолошкиот аспект. Знаете препораката останува-во наредните две години мора да бидат заштитени од сонце, посесбно во летниот период„ изјави директорката на кочанската Општа болница, д-р Катерина Паниќ Мирчовска.
Тамошниот престој, покрај медицински, има социјален и психолошки бенефит и претставува клучен чекор во целокупниот процес на закрепнување на повредените. Со континуирана стручна поддршка, тие биле охрабрени повторно да се вратат со активностите со кои се занимавале и пред трагичниот настан
„Пробувавме сите да ги вратиме на нештата што пред настанот ги правеле секојдневно… кај музичарите имавме за задача повторно да ги вратиме да свират на инструменти. На студентите по медицина со колегите од Пластична хирургија им организиравме разговори за да видат дека им функционират прстите и дека еден ден ќе бидат добри лекари„ изјави д-р Катерина Паниќ Мирчовска, директорка на ОБ-Кочани.
Во јуни минатата година со одлука на Влада, одмаралиштето на МВР, на Пониква, беше преадаптирано за потребите на повредените во дискотеката Пулс. Во објектот во три групи, повредените престојуваа по две недели . За време на престојот со нив работеа физиотерапевти, психолози, лекари-специјалисти , со цел целосно физичко и психолошки закрепнувања.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет