
Ќе се одзимаат возила на возачи фатени во екстремно брзо возење, пијани или под дејство на дрога, новите строги мерки стапуваат на сила од февруари и ќе важат и за странските возачи. Возачот што трипати во рок од четири години ќе добие правосилна забрана за управување со возило од иста категорија, ќе остане без возачката дозвола. Судот ќе му ја одземе дозволата, а сторителот на прекршокот нема да смее повторно да полага возачки испит најмалку една година.
Забраната за управување возило што ја определува судот може да трае од еден месец до една година, а податоците за изречените мерки ќе им бидат достапни и на граничните служби.
Ако забраната му е изречена на странец што има странска дозвола за управување возило, нема да смее да вози на територијата на земјава, а за тоа ќе биде известена и граничната полиција
Кривичниот законик му дава можност на судот да го одземе и возилото од сторителот ако сторил кривично дело „загрозување на безбедноста на сообраќајот“, „безобѕирно управување со моторно возило“ и „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, односно доколку сторителот возел со брзина што ја надминува дозволената брзина за најмалку 70 километри на час во населено место или за најмалку 90 километри на час надвор од населено место.
Измените во Кривичниот законик пропишуваат и дека учесник во сообраќајот што ќе вози со концентрација на алкохол во крвта од над 1,5 промили, ќе вози под дејство на дроги, психотропни супстанции или прекурсори, ќе вози во спротивна насока на јавен пат, ќе претекне колона возила на непрегледно место или ќе вози со значителна брзина над дозволеното, ќе се казни со затвор од 3 месеци до 3 години, како и со парична казна.
Иван Митев, М-Нет