
Ќе се спроведе стручен надзор врз породувањето и понатамошното лекување на 19-годишната Станка Михајлова од Струмица, која по породувањето остана неподвижна. Министерството за здравство информира дека завршиле вонредните инспекциски надзори во здравствените установи каде што пациентката била прегледувана, породена и понатаму лекувана. Надзорите биле спроведени во Општата болница Струмица, Клиничката болница Штип и Универзитетската клиника за неврологија. Инспекторите извршиле увид во здравствената евиденција и медицинската документација, а биле земени и изјави од здравствените работници вклучени во третманот. За целосна и објективна процена ќе биде формирана стручна комисија, во која ќе учествува и медицински експерт од соседна држава. По завршувањето на стручниот надзор, Министерството ќе ги соопшти наодите и заклучоците.
„Надзорите беа спроведени во Општа болница Струмица, Клиничка болница Штип и Универзитетска клиника за неврологија. Инспекторите извршија увид во здравствената евиденција и медицинската документација, а беа земени и изјави од здравствените работници вклучени во третманот. Сепак, имајќи ги предвид сериозните здравствени компликации на пациентката, донесено е решение за спроведување стручен надзор над целокупниот тек на нејзиното породување и натамошно лекување. Со цел да се обезбеди целосна, независна и објективна стручна процена, министерот за здравство побара во комисијата за стручен надзор да биде вклучен и медицински експерт од соседна држава.“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство
По завршувањето на стручниот надзор, Министерството за здравство најави дека ќе ја информира јавноста за наодите и заклучоците.
Иван Митев, М-Нет