Ќе пие ли Делчево најскапа вода, предложено покажување за 5%

Ќе пие ли Делчево најскапа вода? Последниот предлог донесен од Управниот одбор на КЈП Брегалница Делчево, донесен на седницата на март е цената на водата за пиење да изнесува 45,15 денари за метар кубен без пресметано ДДВ во 2026 година, односно 47,40 денари по метар кубен во 2027 година. Со ова Општина Делчево ќе биде една од општините каде ќе се пие најскапа вода.
Тоа значи и дополнителен удар врз џебот на граѓаните. Дел од нив реагираат дека покачувањето на цената на водата за пиење ќе им ги зголеми трошоците, со што делот во преживување на месецот ќе биде уште потежок.

Од Општина Делчево за ваквиот предлог велат дека е во согласност со регулаторната комисија за енергетика, и дека предложеното покачување произлегува од финансиската состојба утврдена во базната 2023 година, врз основа на што е изработен бизнис планот.

„Анализата на финансиските показатели покажува дека во базната година претпријатието остварило загуба од околу 3.165.371 денари, при што остварените приходи од водните услуги не ги покриваат целосно оперативните расходи за обезбедување на услугата (електрична енергија, одржување на системот, материјали, работна сила и други тековни трошоци).
Оваа состојба укажува на структурен финансиски дисбаланс во работењето во претходниот период, што се должи на комбинација од недоволно усогласени цени на услугите со реалните трошоци, како и на одредени неефикасности во управувањето во минатото.
Со цел да се обезбеди финансиска стабилност на претпријатието, континуирано и квалитетно снабдување со вода, како и одржување и унапредување на водоснабдителниот систем, неопходно е умерено коригирање на цената на водните услуги.“ – вели Гоцевски.

Со новата цена на водата за пиење делчечани би плаќале за 5% поскапа вода.

Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет