Јубилејното 35-то издание на МАКФЕСТ ќе се одржи на отворено во септември

Поради состојбата со корона вирусот, од страна на организаторот, Општина Штип, донесена е одлука јубилејното 35 годишно издание на МАКФЕСТ наместо во Домот на културата „Ацо Шопов“, да се одржува на отворено.

Плоштадот „Слобода“ е местото каде ќе се организира настанот и тоа со две, наместо досегашните три фестивалски вечери.

Првата вечер ќе се слушаат најпознатите стари хитови од МАКФЕСТ, од наши познати македонски пејачки имиња, а втората вечер ќе биде директно финална вечер, кадешто ќе настапуваат сите оние кои се пријавиле, после кои исто така ќе има гласање и ќе се добијат победниците и најдобрите за ова 35-то издание. Сметам дека фестивалот МАКФЕСТ заслужува да добие една ваква јубилејна година на отворено– истакна Бочварски.

Токму поради тоа што ќе се одржува на отворено, поради временските услови, терминот за одржување на МАКФЕСТ, кој до минатата година се одржуваше во октомври, годинава е поместен за септември.

Според очекувањата, некаде околу 400 места ќе има на градскиот плоштад на овие две вечери, целосно професионално организирани, со дистанца, спопред протоколите на Комисијата за заразни болести. Очекувам да имаме успешен фестивал –изјави Бочварски.

На втората и финална јубилејна макфестовска вечер, ќе бидат слушнати 22 композиции, во исполнување на повеќе звучни имиња од македонската музичка сцена.

Иако МАКФЕСТ беше со меѓународен карактер, поради КОВИД 19 годинава нема да настапуваат пејачи од странство.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ