Бочварски – „Родителите нема да плаќаат паушали за градинките“

Општината ќе излезе во пресрет на родителите чии деца одат во градинка, со тоа што ќе бидат ослободени од плаќање на паушалот, ова денес го изјави градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.

Оваа одлука е донесена по консултација со директорките на двете штипски градинки, откако деновиве родителите реагираа против информацијата да плаќаат паушали, иако поради корона кризата не ги користеле услугите на градинките.

Бочварски истакна дека денес од управните одбори на градинките ќе побара да се отвори постапка за укинување на наплатата на основниот паушал на родителите за месеците април, мај, јуни, јули и август.

Според редовната процедура овој основен паушал се наплаќал секогаш во летните месеци во претходните години и бил наменет за тековно работење, одржување, како и за материјални трошоци за нафта, струја, постелнини играчки мебел и создавање на нови содржини за децата.

Ако бараме солидарност, мораме да знаеме дека Општина Штип ќе биде првата институција, којашто ќе биде најсолидарна во нашиот град, заедно со двете детски градинки и со сите останати институции. Со овој потег, уште еднаш покажуваме на дело дека се грижиме за потребите на граѓаните, се солидаризираме и помагаме. Постапката ќе започне денес со мој предлог до управните одбори на двете детски градинки, а ќе продолжи во Советот на Општина Штип. Убеден сум дека ваквата постапка ќе ги помине сите филтри експресно со цел да им помогнеме на граѓаните. Почитувани граѓани, ова е трошок кој тешко се надоместува, но сметам дека ние имаме капацитет да го сносиме овој трошок со домаќинско и мудро работење. Според проценките се работи за средства во висина од 2,8 милиони денари – истакна градоначалникот Благој Бочварски.

Во двете штипски градинки „Астибо“ и „Вера Циривири Трена“, бројот на згрижени деца пред пандемијата изнесувал 1500, но според новите протоколи од Комисијата за здравство, донесен уште во јуни месец, во иднина нема да работат со полн капацитет. Од септември ќе имало место за 1100 деца.

Со протоколите е уредено деца од нула до две години да можат во група да бидат шест, додека останатите, од три до десет да бидат 15 деца максимално. Капацитетот со којшто располага градинката „Астибо“ е моментално 46 занимални, ние можеме да згрижиме околу 650 дечиња од различна возраст – истакна Билјана Трајчевска, директорка на ДГ „Астибо“.

Во тек се анкетите со родителите во врска со заинтересираноста за користење на услугите на градинките од септември. До утре треба да се изјаснат дали им одговараат новите услови, за кои Трајчевска вели дека воопшто нема да бидат исти како пред пандемијата.

Има јасни препораки да се мери температурата наутро на сите вработени што ќе дојдат на работа, на децата. Родителите мора да бидат во тесна соработка со нас ако дојде до промена на здравствената состојба на детето, да се изолира. И сите други работи се за покачување на хигиенската состојба во градинката да биде на повисоко ниво – изјави Софка Атанасова, директорка на ДГ „Вера Циривири – Трена“.

Паушалот против кој реагираа родителите е во износ од 520 денари месечно, а пред одлуката на градоначалникот Бочварски, општината да го надомести, на родителите им беше кажано да биде платен наеднаш.

Тоа во услови на економската криза со пандемијата, според некои родители со кои контактираше МНет.мк едноставно беше „научна фантастика“, посебно за оние со повеќе од едно дете.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ДАРКО ДОНЕВ