ЈП Исар се „бори“ со нелегално создадените диви депонии во Штип, апелира граѓаните да бидат совесни

Диви депонии сѐ уште никнуваат неконтролирано на многу локации во Штип. Во текот на вчерашниот ден мини дива депонија имаше кај модуларната болница, а ништо поразлична не е сликата и во близина на Мирјанина црква. Екипите на ЈП Исар на терен се борат со отстранувањето на нелегално создадените диви депонии од страна на граѓаните. Директорот, Александар Арсовски, посочи дека капацитетите со кои располага претпријатието ем ги завршуваат активностите предвидени во програмата, ем ги чистат дивите депонии. Затоа апелираше граѓаните да бидат поодговорни и да не фрлаат ѓубре, отпадоци, предмети од домаќинставата на места кои не се за таа намена.

„Доколку со Закон се пропишат некои нови износи на глоби секако тоа општината и комуналниот инспектор ќе треба да го спроведат на терен. Ние како јавно претпријатие конкретно денес работиме на чистење о веќе ги исчистивме две депонии кои се создадени нелегално на територија на Општина Штип, едната е кај модуларната болница, а другата е во близина на местото каде сега се наоѓаме. Согласно нашите капацитети ние можеме да излеземе на терен и благовремено да ги исчистиме. Но мора да апелираме граѓаните да не создаваат депонии.“ – вели Арсовски.

Дивите депонии најчесто се создаваат на места кои се скриени. Но, како што вели Арсовски тоа не е причина да се фрла ѓубре. За чиста животна средина потребно е сите заеднички да придонесеме за да не се гушиме во ѓубре, дециден е тој.

Во меѓувреме, Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, очекува наскоро да се донесат измените на законите за локална самоуправа и за комуналната полиција и тие да бидат во интерес на граѓаните за добивање на подобра и пофункционална локална власт.

ЗЕЛС како што посочи веќе има изработено и Предлог-закон за комунална полиција.Се иницира и промена на минималните глоби, кои во моментот се од 50 до 200 евра, таа да биде од четири до шест илјади евра и да постои можност службите од општината да го запленат и возилото па подоцна да си биде предадено на МВР.

Лаура Стојанова М-Нет