
На последниот ден од кампањата кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, Иван Јорданов, со порака до штипјани. Ги повика да го дадат својот глас за нова иднина, а воедно и да го проследат вечерашниот централен митинг во Штип.
„Почитувани сограѓани, почитувани штипјани, денешниот, последен ден од изборната кампања, го посветувам на две работи: Со огромно задоволство ве поканувам на големиот завршен митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Штип!Вечерва, во 20:30 часот, на Плоштад Слобода, ќе го зададеме последниот удар на оваа локална власт. Ве повикувам да излезете и да дадете масовна поддршка, затоа што од вечерва од Штип ќе почнат промените и ќе стартуваме со изградба на новата иднина во Штип. Исто така, ве повикувам, во недела да го дадете својот глас за новата иднина и храбро, без двоумење, водени од искрената желба за напредок, успеси и подобро утре, заокружете го бројот 7, кој ветува нова визија, нова иднина за Штип. Почитувани сограѓани, заедно и сплотени ќе успееме! Ќе бидам прв меѓу еднаквите, подготвен да помогнам секому, вратите на општината ќе бидат ширум отворени, а гарантирам и ветувам дека во новата иднина ќе има само среќни и насмеани штипјани!“ – порача Јорданов.
Во претходните три недели Јорданов и ВМРО – ДПМНЕ со идеи, проекти и ветувања на средби со граѓаните од секоја населба во Штип ја бараа поддршката за 17 октомври. Завршниот митинг вечерва ќе биде нивната последна активност во предизборната кампања, пред утрешниот молк.
Ребека Спасова МНет