
Реконструкција на гумената брана во карбинското село Крупиште е новото ветување од страна на кандидатот за градоначалник на Штип од редовите на коалицијата ЛДП – ДОМ, Ванчо Санев. Истовремено, тој истакна дека ќе се врати во функција постоечката инфраструктура, а граѓаните повторно ќе имаат вода за наводнување на нивните посеви.
„По големите поплави во 2013 година браната беше разнесена, портите за канали беа оштетени, а каналите низ Таринци и Караорман беа затрупани. Оттогаш па наваму целата инфраструктура пропаѓа, а штипско и карбинско се без вода за наводнување. Предвидуваме преку меѓуопштински проект на Општините Штип и Карбинци, реконструкција на гумената брана и враќање во функција на веќе постоечката инфраструктура, поправка на портите и чистење на каналите“ – кажа Санев.
Истовремено, носителот на советничката листа од коалцијата ДОМ – ЛДП, Мартин Каровски додаде дека по две децении ќе бидат исчистени депониите во трите штипски населби, Пребег, Железничка и Кежовица.
„Пребег, железничка и Кежовица не се депонии за некој овде да го истура своето ѓубре, воовие населби живеат луѓе и растат деца. Предвидуваме целосно чистење на отпадот од дивата депонија. Материјалите кои може да се рециклираат со договор ќе бидат предадени на комапнија за рециклажа. Остатокот од отпадот ќе биде решен на два начини, дел ќе биде дислоциран во Трештена скала, а дел ќе биде зариен со слој земја врз која ќе се засадт дрвја.“ – додаде Каровски.
Дополнително на претходно презентираното и со овие два проекти кои се најдоа во изборната програма на коалицијата „Одлучно за промени“ предводена од ЛДП – ДОМ, Санев ја побара довербата на граѓаните на 17 октомври.
Лаура Стојанова М-Нет