Јорданов пресече, секоја дивоградба ќе биде отстранета и нема да има селективен пристап

Темата за дивоградби долго време е актуелна. Продолжува ли градежното „дивеење“ низ Штип и какви санкции се предвидени за истото го прашавме градоначалникот, Иван Јорданов, кој напомена дека ред мора да има.

„Селективноста е нешто коешто создава со години проблем. Селективноста и во урбаното дивеење мора да прекине, мора да се стави крај, мора да се стави ред со градењето и со дивоградбите. Тоа е моја основна заложба којашто ја ветив пред избори и веднаш по преземањето на функцијата дадов насоки секаде каде што ќе се утврди дивоградба или диво градење да се констатира, да се направи записник и по однос на тој записник да се спроведува постапка за отстранување на дивоградбите. Она коешто можам да го ветам е дека нема да има селективен пристап. Секој оној којшто си дозволил да гради бесправно на државно земјиште, ќе биде отстранет, срушен и ќе биде доставено записник согласно со законските нормативи и прописи“, истакна Јорданов.

Во Штип над 3800 објекти се бесправно изградени. Проблемот кој претходно беше посочен е тоа што Штип три децении е без главен урбанистички план. Новиот градоначалник пресече дека нема да има селективност, но во подготовка е и новиот Закон за дивоградби, кој беше најавен за по изборите. Со истиот предвидено е регулирање на статусот на бесправно изградени објекти кои се изградени пред 1 јануари 2021 година при што исите мора да ги исполнуваат условите, додека, пак, останатите ќе бидат остранети.

Ребека Спасова МНет