Штипјани се жалат на прекумерна бучава од мотори, за возачите за четири месеца има 136 казни

Прекумерната бучава од мотори и ова лето за штипјани е актуелен проблем. Реагираат на социјалните мрежи, велат, пријавуваат и во полиција, а и од анкетата на терен заклучокот е дека навечер речиси и да не може да се спие.

Дека постојано добиваат пријави од граѓаните, жалби на социјалните мрежи за бучава во ноќни часови од мотори и млади возачи кои ги вознемируваат граѓаните, потврдуваат и од СВР Штип. Портпаролката, Гордана Панајотова, вели дека за секоја пријава се постапува веднаш и оние кои ги прекршуваат одредбите од Законот редовно се санкционираат. Во последните четири месеца, заклучно со вчерашниот ден, изречени се вкупно 136 казни за возачи на мотоцикли.

„Во текот на изминатите месеци, мај, јуни, јули, заклучно со август, изречени се вкупно 136 мерки, од кои 88 за неносење заштитна кацига, 18 за управување без возачка потврда, 19 за неносење регистерска табличка и 11 за измината важност за полисата за осигурување. Во овој период од страна на полицијата одземени се вкупно четири мотори согласно со чл. 344 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“, истакна Панајотова.

Од СВР Штип испратија и апел до родителите да не подлегнуваат на притисокот и барањата на своите деца, а до возачите на мотоцикли да носат заштитна кацига и да ги почитуваат и останатите правила во сообраќајот.

„Апелираме до родителите да не подлегнуваат под притисокот и барањата на своите деца, да не им овозможуваат опасни играчки без претходно да им обезбедат основни знаења и способности за правилно и безбедно учество во сообраќајот. Мотоциклистите спаѓаат во групата учесници во сообраќајот кои најмногу се изложени на опасности во сообраќајот и кај кои ризикот за здобивање на смртоносни повреди во случај на сообраќајна незгода е исклучително висок“, додава Панајотова.

Во случај на непочитување на законските правила и прописи, полициските службеници ќе продолжат да изрекуваат соодветни мерки. Паричната казна за некористење кацига е 50 евра, за управување мотоцикл без возачка дозвола е 250 евра, за измината регистрација од 100 до 500 евра, а за необновена полиса 100 евра во денарска противвредност. За техничка неисправност следува одземање на мотоциклите.

Ребека Спасова М-Нет