Штипјани песимисти во врска со изградбата на брана на река Отиња

Изградбата на брана на река Отиња, деценискиот сон на штипјани, проектот кој долго се очекуваше пред неколку дена почна со реализација. Со изградбата на оваа брана се појавуваат низа позитивности за градот под Исарот: заштита на истиот од евентуални поплави, место за рекреација за штипјани, но и за граѓаните од Истокот и регионот. Значи, според најавите на Премиерот Заев и министерот за транспорт и врски Бочварски, за две до две и пол години овој проект треба да биде реалност. Меѓутоа, штипјани во врска со изградбата на брана на река Отиња се со негативен став.

„Некогаш од тој кемер постоело уште во Турско време. Целата вода од Суитлак, затоа се вика „Су“, значи вода на турски, минувала и го снабдувала целиот град. Сега ќе направат брана и ќе го срушат. Тоа е историско богатство на Македонија. Како не им е јасно на сите? Јас сум против браната. Штета е. Има нагоре други места каде што можат да направт брана. Погоре. Отиња не ја знаете каква е кога дојде, луда е. Нема извори. Таа брана со што ќе се полни вода? Тие места ги пошумувавме ние кога бев гимназијалец. Тогаш професорите ни велеа да ги садиме борчињата, па ќе сме се бањале во браната. Јас ќе умрам, нема да се избањам. И моите деца ќе умрат, нема да се избањаат. Кој сака нека ме убедува. Друго е кога некој ти кажува, друго е кога си роден тука.“

„Да ти кажам, јас блиску живеам до браната. Мене не ми се допаѓа тоа. Утре, не дај Боже нешто да се случи, први ќе бидеме ние.“

„Тоа е само лага. Го лажат народот. Сите стари кажуваат дека до сега постојано прават брана и никако да ја направат. Тоа што го зборуваат, дека ќе има вода, дека браната ќе била добра, нема врска. Тоа само се зборува, а нема шанси да го направат.“

Проектот за изградба на брана на река Отиња е проект чија инвестициона вредност е 306 милиони денари. Во петокот, во пристуство на Премиерот, вицепремиерот, министри, советници, претходниот и сегашен градоначалник на Општина Штип, се постави камен темелникот за изградбата на оваа брана.

Лаура Стојанова МНет