
Штипјани денеска го одбележуваат празникот на Свети Гаврил Епископ Велички, познатиот штипјанец, запаметен по многубројните чуда што му се припишуваат. За жителите на Штип, овој празник има особено значење, бидејќи станува збор за духовник кој потекнува токму од овој град и кој оставил длабока трага во православната вера и народната меморија.
Свети Гаврил велички е роден во Штип, каде ги направил и своите први духовни чекори. Уште од млада возраст покажал силна посветеност кон верата, скромност и желба за духовно усовршување. Целиот свој живот го посветил на служење на Бога и на луѓето, одрекувајќи се од световниот живот и удобностите.
Неговото монашко созревање започнало во Лесновскиот манастир, еден од најзначајните духовни центри во овој дел од Македонија. Токму таму се истакнал по својот строг подвижнички живот, молитва и послушание, стекнувајќи голема почит меѓу монасите и верниците. Подоцна, престојувал и на Света Гора, каде дополнително ја продлабочил својата духовност и бил прифатен како исклучително посветен монах.
Како епископ Велички, Свети Гаврил останал близок до народот. Бил познат по тоа што несебично помагал на сиромашните, ги утешувал болните и ги советувал оние што се наоѓале во животни искушенија. Верници сведочат за неговата благост, мудрост и силна молитва, а токму од тој период потекнуваат и бројните сведоштва за чуда, кои народот ги прераскажува до ден-денес.
Неговиот живот завршил во тешки околности, за време на истрага, што дополнително ја зацврстило неговата духовна големина во очите на верниците. По неговото заминување, почитта кон Свети Гаврил не згаснала, туку со текот на времето станувала сѐ посилна.
Денешното одбележување во Штип е израз на длабока почит и благодарност. Со молитви, богослужби и присуство на голем број верници, штипјани се потсетуваат на ликот и делото на својот заштитник, духовникот кој од Штип тргнал, а оставил траен белег во православието. Празникот е и порака за зачувување на верата, традицијата и духовниот идентитет на градот.
Иван Митев, М-Нет