Штипјанецот Тони Манев го започна ултра-предизвикот: 400 километри низ швајцарските Алпи!

Штипскиот ултрамаратонец Тони Манев денеска го започна еден од најголемите предизвици во својата кариера. Точно во 08:00 часот стартуваше на екстремната ултра-трка која води од Лихтенштајн до Франција, низ суровите и величествени швајцарски Алпи.
Пред Манев се 400 километри исполнети со неверојатни 25.000 метри висинско искачување, траса што важи за една од најтешките и бара исклучителна физичка и психичка подготвеност.
Непосредно пред стартот, Манев на социјалните мрежи напиша:
„Недела 08.00ч, старт на едно ново доживување, од Лихтенштајн до Франција, низ Швајцарските Алпи, 400 км со 25.000 м висинско искачување.“
Со препознатливиот позитивен дух, штипјанецот уште еднаш покажа дека не се плаши од најголемите спортски предизвици.
Македонската спортска јавност ќе го следи неговиот настап и ќе навива Тони Манев успешно да ја заврши оваа исклучително тешка ултра-маратонска авантура, со која повторно достојно ќе ги претставува Штип и Македонија на меѓународната сцена.