Штипските пеливани од клубот Дејан Митров со пет златни одличија во Тополница

Пеливаните од штипскиот клуб Дејан Митров продолжуваат да бележат одлични резултати, откако на традиционалното пеливанско борење во Тополница, штипските пеливани уште еднаш го покажаа својот квалитет, освојувајќи пет први места.

До златни одличија стигнаа Андреј Мишев, Љупче Коцев, Филип Тодоров, Христијан Димитриевски и Дејан Митров, кои со борбеност, сила и истрајност стигнаа до највисокото место во своите категории.

Успешниот настап во Тополница е уште една потврда за континуитетот и традицијата на пеливанското борење во Штип, како и за квалитетот на штипските пеливани, кои со своите настапи го афирмираат градот на натпреварите односно турнирите низ Македонија.

Градот под Исарот може да биде горд на овие млади пеливани, кои со својот талент, посветеност и работа редовно стигнаа до одличија на турнирите каде настапуваат.

За штипските пеливани нема многу време за одмор, бидејќи веќе следува нов предизвик. Следниот настап е закажан за 20 септември во Студеничани, каде штипскиот пеливански клуб Дејан Митров ќе има нова можност да ја продолжи успешната серија на резултати, а натпреварувачите да стигнат до нови одличија.

Александар Ванев, М-Нет