Штипскиот Универзитет потпиша меморандум со Бирото за регионален развој

Потпишан меморандум за соработка помеѓу Универзитетот „Гоце Делчев“ и  бирото за регионален развој. Преку вклучување во одредени повици од таму, се очекува факултетите во Штип да добијат нови можности и да земат учество во регионалниот развој.

„Денеска ми претставува посебна чест да потпишам меморандум за соработка со штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“. Со новиот Закон ни се отвораат нови врати за соработка со универзитетите. Значи, овој меморандум нема да остане само во хартиена форма, туку во иднина ќе видиме во нашите повици кои ќе ги имаме да можеме да воспоставиме заемна соработка. Во нашите повици им даваме можност да аплицираат во конкретни проекти што ќе можат да ги имплементираат. Исто така, им се дава можност со новиот Закон да приодонесеме за Источниот плански регион“, истакна директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи.

„Пред сè, соработките ќе одат во насока на доопремување преку некој повик, а понатаму од таму со таа опрема, преку факултетите и професорите да се развијат оние обуки коишто ќе бидат понудени и на студентите и на невработени, како и на некои ранливи категории“, додаде проректорот за настава, Мишко Џидров.

Придонесот во овој регион се однесува како на обучување кадри, така и за други потреби на штипскиот Универзитет.

Потпишаниот меморандум е уште еден од многуте со кои Универзитетот се развива преку соработки.

Ребека Спасова МНет