Штипскиот Универзитет одбележа 15 години постоење, стремежот – развој и подобрување

Штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ ја одбележа 15-годишнината од своето постоење. Со пригодна манифестација се даде значење на сите изминати години во кои Универзитетот растеше образовно, кадровски и го развиваше образованието и програмите кои ги нуди. Во оваа чест пред спомен – бистата на Гоце Делчев цвеќе положија министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, ректори на останатите универзитети и дел од другите присутни.

„Градот Штип и Македонија треба да бидат горди на оваа установа, бидејќи е установа од врвен квалитет, врвен калибар кој може да се спореди со кој било Европски универзитет. Слободно можам да кажам дека никој нема да згреши ако дојде да студира на УГД во Штип. Добиваат знаење, добиваат реално знаење, реални алатки за во иднина. Мислам, дека ова е една од поубавите работи коишто можеле да му се случат на градот, а тоа е Универзитет во Штип. Не е исто да имате и да немате универзитет во градот. Ова е универзитетски град и затоа се гради друго мислење, други традиции во делот на културата и идентитетот на градот. Мислам дека е извонредна прилика за овој град“, истакна ректорот, Блажо Боев.

Дека Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е извонредна прилика и од особена важност за градот под Исарот согласен е и првиот човек на Општината, градоначалникот Иван Јорданов.

На Универзитетот студираат студенти од многу градови низ државата, а има и повеќе од 500 странски студенти. Засега професорскиот кадар е само од земјава, но стремежот е да се привлечат и професори од странство. Оваа година се отвора и програма на англиски јазик на Медицинскиот факултет. Како што додава ректорот Боев, развојот на Универзитетот би помогнал и во тоа Штип вистински да го застапува епитетот „студентски град“.

Ребека Спасова М-Нет