
Марула, спанаќ, лук, кромид, производи кои најмногу беа барани на градскиот пазар во Штип денеска. Топлото и сончево време ги измами граѓаните уште од изутрина да излезат и да пазаруваат, но се поставува прашањето колку и што можеа да си купат со примањата кои ги имаат. Велат – пазарот е многу скап, на пример, ако си дозволите да купите спанаќ за 70 денари, не остануваат пари за марула и лук. И ако кочанчани јадеа преку еден ден, штипјани бираат тавче гравче со спанаќ без салата или обратно. Имаше и граѓани кои си го дозволуваат и едното и другото, но таквите можеа на рака да се избројат.
Продавачите до некаде согласни дека цените се високи, но и тие ја истакнуваат нивната страна на приказната. Велат нема кој да работи, од ова како работа тешко се преживува, дополнително нема производство доволно, нема ниту побарувачка, а сè е веќе покачено.
Освен зеленчук, кој најмногу се бараше денеска, на градскиот пазар во Штип се нудеа и јаболката и останатото сезонско овошје, а по тезгите доста застапени беа и јагодите.
Лаура Стојанова М-Нет