Штип УГД подготвен за реваншот со Орион Старс во Лигата на шампионите, влезот во „Џексон“ слободен

Македонскиот шампион Штип УГД денес одржа прес конфренеција пред реваншот против првакот на Холандија, Орион Старс кој ќе се одигра во среда од 18 часот во спортската сала „Џексон“ во Штип.

Стојче Арсов направи осврт на мечот во Холандија, притоа нагласи дека се надевам оти на домашен терен ќе покажат подобра игра.

„За натпреварот што беше минатата недела во Холандија, одигравме еден добар натпревар можам да кажам, нашиот противник премногу спремен и технички и тактички со еден сериозен буџет со кој располагаат. Резултатот можеби беше очекуван, можеби можевме да дадеме и поголем отпор, но ни фалат некои ситници што треба да ги комплетираме се надевам дека на домашен терен ќе покажеме подобра игра. Тие се фаворити и во среда“, вели Арсов.

Среда е историски ден за градот под Исарот и за македонскиот шампион, пред домашната публика ќе одигра натпревар од Лигата на шампиони, капитенот Мирасчиев се надева на една понеизвесна игра.

„Среда историски ден, историска вечер, прв натпревар од овој калибар за Штип. Се надевам, зошто да не и на една понеизвесна игра со поддршка од публиката. Екипата влегува доста подготвена, релативно одморена иако паралелно играме и во домашното првенство, распоредот е густ, деновите за одмор се малку, екипата е здрава,“ вели Мирасчиев.

Македонскиот шампион кој испиша историја со освојувањето на двојната круна минатата сезона, како и освојување на Суперкупот во Тетово ќе се обиде со поддршка од домашната публика во „Џексон“ да се покаже во подобро светло и да направи чудо против фаворитот од Холандија.

За првпат во градот под Исарот ќе се игра Лига на шампиони во одбојка, а влезот за реваншот меѓу Штип УГД и Орион Старс е бесплатен, со што се очекува исполнување на „Џексон“ до последното седиште и со тоа да има македонскиот првак огромна поддршка од трибините.

Александар Ванев, М-Нет