Штип УГД падна во Холандија, но европската приказна продолжува пред домашната публика!

фото: ЦЕВ

Одбојкарите на Штип УГД го имаа своето историско деби во Лигата на шампионите, но македонскиот првак не успеа да извлече поволен резултат на гостувањето кај холандскиот шампион Орион Старс. Во првиот натпревар од првата квалификациска рунда во елитното европско клупско натпреварување, домаќините славеа со убедливи 3:0 во сетови.
Холандскиот тим ги доби сетовите со 25:13, 25:19 и 25:17, но штипјани во повеќе наврати покажаа дека можат да му парираат на ривалот. Македонскиот шампион одржуваше солиден отпор до средината на сите три сета, но во продолжението пресудуваа поквалитетната игра на мрежа и поголемата ефикасност на Орион Старс.

Во редовите на Штип УГД, Махди Задмард и С. Илиев беа најефикасни со по девет поени, додека Александар Љафтов го заврши натпреварот со осум поени.
И покрај поразот во Холандија, за штипскиот клуб европската приказна продолжува. На 28 октомври, во Спортскиот центар „Џексон“ во Штип, македонскиот шампион ќе го одигра реваншот против Орион Старс, каде што ќе се обиде да покаже подобро издание пред домашната публика.