Штип УГД го освои првиот сет 1-0 против Кол Ил во Радовиш

ФОТО: М Нет телевизија

Штип УГД го прави првиот чекор на вечерашниот реванш во Радовиш против норвешкиот Кол Ил, во сетови 1-0 за штипјани, а истиот заврши со 25:18.

Првиот поен од првиот сет го зеде Штип УГД, а тоа предизвика ерупција во полната сала „25 Мај“ во Радовиш. Првата посериозна разлика Штип УГД ја направи при 5:2 кога дојде до плус три поени разлика во првиот сет и имаше контрола над играта и диктираше темпо во самата игра.

Норвежаните каскаа во обид да ја анулираат предноста на штипјани, но македонскиот вицешампион постојано ја одржуваше предноста од три поени, така беше и при 7:4.

Највисоките плус четири ги имаше Штип УГД на 10:6, а потоа и до плус пет при 15:10. Во текот на самиот сет Штип УГД играше многу контролирано и дисциплинирано, тоа што го бараше тренерот Кристиан Ристески, кој во изјавата за М Нет телевизија истакна дека Кол Ил игра многу дисциплинирана скандинавска одбојка, но тие се наметнуваат со балканскиот менталитет на игра.

Мотивирана и борбена игра на клубот од градот под Исарот продолжи, 17:13 беше резултатот кога публиката направи вистинска ерупција со аплауза за поддршка, а одбојкарите вратија со 18:13 и нови плус пет.

Тоа го натера хрватскиот стратег Томислав Лозиќ да бара тајм-аут со цел да ја консолидира играта на неговиот Кол Ил. Но, ниту тајм-аутот не донесе стабилност во играта кај норвешкиот вицешампион, кој губеше со 20:13 или плус седум што беше највисоката предноста.

Првиот сет Штип УГД го освои со 25:18 со што го прави првиот чекор од вечерашниот предизвик – победа од 3-0 или 3-1.

Александар Ванев, М-Нет