
Синоќа во спортската сала „Јордан Мијалков“ се одигра големото одбојкарско дерби меѓу актуелниот освојувач на Купот на Македонија, екипата на Штип УГД и актуелниот шампион Струмица, во меч каде штипјани беа подобри со 3:1 и забележаа огромна победа со која избиваат на врвот од табелата.
Во првиот сет подобри беа штипјани кои сетот го добија со 25:20, а во вториот сет имаше многу поголема неизвесност и борба на теренот, откако сетот заврши со 28:26 за 2:0 во сетови за Штип УГД.
Во третиот сет подобар беше шампионот Струмица со 18:25, а пак во четвртиот сет Штип УГД беше подобар со 25:19 за конечни 3:1 во сетови.
Тренерот на Штип УГД, Кристиан Ристески за М Нет телевизија истакна дека покажале победнички менталитет и дека време за одмор нема, односно веќе следуваат подготовки за тешкото гостување против Работнички.
„Морам да признаам дека не го одигравме натпреварот онака како што посакувавме и онака како што се спремавме. Радува фактот дека и покрај сè, покажавме победнички менталитет и го добивме натпреварот со 3-1, резултат кој моментално нè избива на првото место на табелата. Време за одмор нема, веќе во сабота ни следи доста важен натпревар против Работнички на гостински терен, за кој мораме добро да се подготвиме и да одиграме на високо ниво доколку сакаме да извојуваме победа, а со тоа и да го задржиме првото место на табелата“, ни изјави Ристески.
Штип УГД оваа сезона атакува на двојната титула, односно одбрана на Куп титулата, а завршницата од истиот ќе се игра во Радовиш и освојување на титулата во првенството.
Александар Ванев, М-Нет