Штип по вторпат ќе биде домаќин на натпреварот во роботика што ќе се одржи во СОУ „Коле Нехтенин“

Штип по вторпат ќе биде домаќин на натпреварот од „Првата лего лига“, кој ќе се одржи во месец март, идната година, во Средното училиште „Коле Нехтенин“. Денеска се одржа првиот координативен состанок со што и официјално е отворена сезоната 2023/2024 година. Натпреварот за едукативна роботика ги инспирира младите умови и ги поттикнува кон креирање на иновации од областа на роботиката и инженерството, а со употреба на технологијата. Интересот за натпреварот од година во година е сѐ поголем.

„Продолжуваме со традицијата – да расте ФЛЛ семејството или ФЛЛ учењето во нашата држава. Оваа година имаме и рекорден број тимови, значи имаме 12 тима во „ФЛЛ Експлорер“ и 12 тима во „ФЛЛ Челинџ“, што претставува еден национален рекорд. Ми претставува големо задоволство што имаме сѐ повеќе учесници од формалното образование, како и училиштето „Коле Нехтенин“, кое денеска е домаќин на отворањето на овогодишната сезона“, вели Гордан Анастасов од Академијата за роботика и иновации „Прва лего лига“.

Оваа година темата на натпреварот е создавање „Ремек дело“ преку изнаоѓање уникатни решенија за предизвиците во реалниот живот и подобра комуникација низ целиот свет. Во меѓународната мултидисциплинарна истражувачка програма учествуваат над 600.000 деца и млади од целиот свет, а во Штип ќе се организира во соработка со Средното училиште „Коле Нехтенин“ и со Универзитетот „Гоце Делчев“.

„„Првата лего лига“ е, всушност, натпревар којшто се одржува на ниво на светот во околу над 100 држави со учество на голем број учесници, еве, ние во Македонија го одржуваме по шестипат овој тип на натпревар, а како училиште се вклучуваме првпат. За потребите на предмети од роботика и автоматика, мината година беа набавени два робота коишто ја поттикнаа креативноста и иновативниот дух кај нашите ученици. Благодарение на тие роботи, денеска сме и домаќини и ќе учествуваме во еден ваков тип на натпреварување“, истакна Јованка Шалева, директорка на СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип.

„Јас во името на Електротехничкиот факултет заедно со колегите од Машинскиот факултет, кои оправдано се отсутни, со огромна чест и задоволство ќе бидеме коорганизатор на овој настан. Се надеваме дека настанот ќе го покриеме со судии, простории и терен, како што и се бара од нас како коорганизатори“, вели Тодор Чекеровски, продекан на Електротехничкиот факултет при УГД – Штип.

Тимовите се наптреваруваат во игра со роботи кои сами ги создаваат, а притоа решаваат проблеми, размислуваат критички и креативно и ја промовираат тимската работа.

„Ова е еден навистина значаен настан, бидејќи значи работа со учениците од 9 до 16 години со цел развивање на нивното креативно мислење, на нивната иновативност во областа на работиката и се надевам дека ова ќе даде резултати и во иднина, дека нашите ученици ќе бидат успешни на оваа „Прва лего лига“ на ниво на Македонија и дека ќе се постигнат значајни резултати“, вели Снежана Санева од Одделението за образование при Општина Штип.

Минатата година натпреварот се одржа во Кампус 2 на УГД. Таму како најдобар се покажа тимот од СОУ „Гошо Викентиев“ од Кочани, кој ја претставуваше Македонија на Светското првенство во роботика во Мароко.

Ребека Спасова М-Нет