
Фудбалскиот клуб Шкендија Арачиново официјално го промовираше Бесар Исени како најново засилување во своите редови, со што клубот испраќа јасна порака за високите амбиции во продолжението од сезоната.
Исени е добро познато име на регионалната фудбалска сцена. Последниот ангажман го имаше во косовската Суперлига, каде настапуваше за Вуштрија, а претходно беше дел и од албанската Суперлига, бранејќи ги боите на Егнатија. Во двата клуба остави впечаток како стабилен и професионален фудбалер со изразен натпреварувачки карактер.
На домашната сцена, Исени има значајно искуство во Првата лига, каде настапуваше за Шкупи, Воска Спорт и Вардар. Во текот на тие ангажмани се истакна со тактичка дисциплина, сериозен пристап и максимална посветеност на секој натпревар.
Со неговото доаѓање, Шкендија Арачиново добива фудбалер со богато искуство, победнички менталитет и високи професионални стандарди – квалитети кои треба да донесат дополнителна стабилност и сигурност во тимот.