Шкендија Арачиново значително засилена влегува во пролетниот дел: Промовиран Николче Шаркоски

Второлигашот Шкендија Арачиново ќе биде во сосема нов лик за пролетниот дел од сезоната во однос на есенскиот дел, откако клубот по големата „чистка“ промовираше низа квалитетни засилувања со кои значително е подигнат квалитетот на тимот во битката за влез во Прва лига.

Николче Шаркоски е најново засилување во тимот кој го води стратегот Љупчо Марковски – Калц, а 31-годишниот фудбалер доаѓа од редовите на второлигашот Кожуф од Гевгелија.

Во минатото, тој настапуваше за Вардар, Работнички, Брера Струмица, Воска Спорт, прилепска Победа и 11-ти Октомври. Носи големо искуство во тимот од Арачиново, а во со Вардар ја освои и Куп титулата.

Дека Шкендија Арачиново во пролетниот дел ќе биде со значително поголем квалитет и променет лик говори фактот на промоцијата на квалитетните засилување, покрај Шаркоски, тимот досега се засили со Бесар Исени, Енис Дервиши, Ален Јашароски, Хадис Таири, Иљаз Чиљафи, Зани Назифи, Сухејб Рушити, Махир Ајрули, голманот Антонио Столевски и Владимир Жоглев.

Сите од овие фудбалери носат големо искуство дел од нив прволигашки, а дел и меѓународно, што само по себе потврдува дека второлигашот од Арачиново ќе има далеку поголем квалитет и во пролетниот дел ќе цели кон влез во Прва лига.

Шкендија Арачиново презимува на второто место на табелата со бод помалку од лидерот Охрид, пролетниот дел го отвара на домашен терен како апсолутен фаворит против Преспа од Ресен, а во четвртфиналето од Купот на Македонија ќе игра против прволигашот Работнички.

Во трката за влез во Прва лига, Шкендија Арачиново влегува со Охрид, Брегалница, Беласица и Скопје.

Александар Ванев, М-Нет