Шведска поддршка за енергетските реформи во Македонија – Божиновска и Сулстром отвораат нови можности за инвестиции и партнерства

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Шведска, Ола Солстром, на која беше потврдена одличната билатерална соработка и заедничката определба за нејзино натамошно продлабочување, со посебен акцент на енергетиката, инфраструктурните проекти и зелената транзиција.

Во фокусот на разговорите беа можностите за унапредување на соработката во областа на енергетската ефикасност, модернизацијата на енергетската инфраструктура и развојот на паметни енергетски решенија, области во кои Шведска претставува еден од европските лидери.

Министерката Божиновска истакна дека Владата е цврсто посветена на модернизација на македонскиот енергетски систем, зголемување на учеството на обновливите извори на енергија и градење одржлив и конкурентен енергетски сектор.

„Нашата цел е современ, ефикасен и одржлив енергетски систем кој ќе обезбеди сигурност за граѓаните и ќе создаде поволна клима за нови инвестиции. Шведското знаење, искуство и технолошки развој претставуваат значаен потенцијал за заеднички проекти и партнерства кои ќе придонесат за побрза енергетска трансформација на Македонија“, истакна министерката Божиновска.

Амбасадорот Ола Солстром ја нагласи подготвеноста на Шведска да продолжи да ја поддржува Македонија во реформските процеси и истакна дека голем број шведски компании внимателно ги следат случувањата во македонскиот енергетски сектор и препознаваат потенцијал за нови инвестиции и економска соработка.

Тој оцени дека постојат реални можности за проширување на присуството на шведски компании на македонскиот пазар, особено во проекти поврзани со енергетската ефикасност, модерната инфраструктура и иновативните зелени технологии.

Воедно, амбасадорот Солстром повтори дека Шведска останува силен пријател и искрен поддржувач на Македонија.

На крајот од средбата беше потврдена заедничката определба за интензивирање на билатералната соработка и развој на конкретни партнерства во областа на одржливата енергија, инфраструктурниот развој и реализацијата на енергетските реформи, кои ќе придонесат за економски раст, поголема енергетска сигурност и забрзана зелена транзиција.

Текстот Шведска поддршка за енергетските реформи во Македонија – Божиновска и Сулстром отвораат нови можности за инвестиции и партнерства е превземен од МАКФАКС.