Шампионот Еурофарм Пелистер прв го порази Вардар, драма во финишот на мечот меѓу Куманово и Пролет!

ФОТО: Александар Ванев

Бранителот на шампионската титула Еурофарм Пелистер е првиот тим кој успеа да го порази Вардар во тековната сезона, откако во мечот од 16. коло на Суперлигата битолчани беа подобри со 28:23 во преполната сала „Боро Чурлевски“.

Вардар одлично го отвори мечот и имаше постојано предност, но во финишот на првиот дел пелистерци се разиграа и направија разлика со која на полувреме имаа 13:10. Во вториот дел продолжува Еурофарм Пелистер со одличната игра и не му дозволуваше на Вардар воошто да наближи и да дојде одново во резултатски егал, а на крајот битолчани славеа со 28:23 во неверојатна атмосфера приредена од двете навивачки групи „Чкембари“ и „Комити“.

По шест гола за Еурофарм Пелистер имаа Филип Кузмановски и Жарко Пешевски, а пак кај Вардар со по пет гола се истакнаа Дмитро Хориха и Урош Митровиќ.

Охрид без никаков проблем го декласираше Тиквеш со превисоки 19:31, а во текот на целиот меч „гладијаторите“ доминираа, а Охрид беше предводен од грчкиот репрезентативец Николас Лиапис со шест од шест, а пак Давид Саревски имаше пет од пет.

Алкалоид воопшто не виде проблем на гостување кај Прилеп и славеше со 33:39. За гостинот од Автокоманда прво име беше Мартин Серафимов со седум гола, а за поразениот тим Димитар Димитриоски беше најдобар со десет гола.

Вистинска драма имаше во финишот од мечот меѓу Куманово и Пролет, каде и едните и други може да жалат за изгубените бодови, откако ремизираа играјќи 28:28.

Куманово одлично го отвори натпреварот со постојана разлика која скопскиот тим ја бркаше, а на полувреме беше 17:14. Во вториот дел Пролет ја стопи предноста и имаше и предност па така во 59 минута беше 26:28, потоа Куманово преку Ончев намали на 27:28, а во самиот финиш Димевски погоди од десната страна за 28:28 и делба на бодовите.

Токму Тоше Ончев беше најдобар за Куманово со осум гола, а кај Пролет тоа беше Давор Павлевски со 11 гола.

Денес на програмата ќе бидат два меча со кои ќе се затвори 16. коло. Еурофарм Пелистер 2 ќе игра дерби со Бутел во трката за плеј-офот, а пак „фенерџијата“ Радовиш ќе ги бара првите бодови против Струга.

Александар Ванев, М-Нет