АХВ: Кучињата да се шетаат на поводник до крајот на декември, се фрлаат вакцинални мамки против беснило на лисиците

Кучињата да се шетаат на поводник до крајот на декември, АХВ почна со авионско фрлање вакцинални мамки против беснило на лисиците и дивите карнивози од спортскиот аеродром Штип. Мамките ќе се фрлаат на целата територија на државата, со исклучок на населените места, водените површини и планинските врвови над 2.000 метри надморска височина, при што ќе бидат фрлени околу 450 илјади вакцинални мамки

Се предупредуваат граѓаните внимателно да се движат во природата, да внимаваат во комуникацијата со животните, особено со лисиците кои што често се приближуваат до населените места и не покажуваат страв од луѓето. Апелираат во никој случај да не се допираат самите мамки, кои се со кафеана боја и личат на чоколадни коцки. Истите соопштуваат дека се направени од смеса која има мирис на риба и која што ги привлекува лисиците. Доколку сепак се случи да дојдат во контакт со мамките, задолжително е да се измијат рацете со поголемо количество вода и сапун, а при самоповредување или рассечување со дел од капсулата на вакцината, задолжително потребно е да се побара помош од доктор по медицина. Особено внимание е потребно да се обрне од страна на ловечките кучиња и ловците во природата, особено што во овој период се врши лов на диви животни во природата.

Три недели по завршувањето, по новогодишните празници Агенцијата ќе спроведе контрола на успешноста на акцијата (поствакцинален мониторинг) преку ловните друштва согласно склучените договори преку застрелување на договорениот број лисици заради лабораториско испитување на успешноста на имунизацијата кај лисиците преку утврдување на присуство на антитела и детекција на тетрациклин во забите кај отстреланите лисици. Појаснуваат дека овие мерки ја зајакнуваат биолошката безбедност и го намалуваат ризикот од појавата и ширењето на беснило во регионот.

Иван Митев, М-Нет