
Кочанските пожарникари гаснеле запалена ниска вегетација кај селата Грдовци и Оризари, пробиштипските, пак, кај месноста Касапница, како и кај Негрева Чешма, а виничките имале интервенција на месноста Ила. Регионалниот Центар за управување со кризи – Штип известува за дури пет интервенции во изминатиов период во овој регион, и тоа две во Кочани, две во Пробиштип и една во Виница. Со првиот пожар кочанските пожарникари се бореле еден час и четириесет минути, а со вториот околу 35 минути. ТППЕ Пробиштип кај „Касапница“ гаснеле речиси два часа, а за да го изгаснат вториот пожар на површина од околу 10 хектари им требало дури четири часа. Два часа со огнената стихија се бореле и виничките пожарникари, кои исто така гаснеле запалена ниска вегетација.
„Пожарникарите од ТППЕ Кочани од 14:15 до 15:55 часот, со 1 ПП возило и 2 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки во близина на с. Грдовци на магистралниот пат Штип – Кочани, а од 14:30 до 15:05 часот, со 1 ПП возило и 2 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација кај с. Оризари. Пожарникарите од ТППЕ Пробиштип од 11:52 до 13:45 часот, со 2 ПП возила и 4 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација, трска и опожарена врата на магацин на месноста „Касапница“ (кај јаловиштето), а во период од 19:20 до 23:25 часот, со 1 ПП возило и 4 пожарникари, интервенирале на запалена ниска вегетација и „драка“ на површина од 10 хектари на месноста „Негрева Чешма“ кај с. Стрисовци. Пожарникарите од ТППЕ Виница од 13:30 до 15:30 часот, со 1 ПП возило и 5 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација на површина од 0,5 хектари на месноста „Ила“. “ – известуваат од РЦУК Штип.
Во последното деноноќие имало дваесетина пожари на шуми и на вегетација на отворено. Освен запалена нискостеблеста шума и друга вегетација, пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територија на државата. Помалите противпожарни интервенции на отворено во одредени случаи и не се бројат.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 2.119 повици на Единствениот број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 36,76%, а 63,24% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 60,35%, кон Итната медицинска помош 32,98%, а кон пожарникарите 5,61% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Збирот повици на што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици во ЦУК, 1,05% со другите 63,24% што се именувани како „неитни повици“, биле вкупно 1.343 на број и биле предмет на примање, селективна обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со други институции од Системот за управување со кризи, согласно природата на пријавените итни случаи.
Ребека Спасова М-Нет